Енергетика

Од полноќ повисоки цени на бензините и дизелот, одлучи РЕК

18.05.2026 17:30

Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за цените на нафтените деривати, со која од полноќ се зголемуваат цените на бензините и дизелот...

Од полноќ повисоки цени на бензините и дизелот, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Бензинот БС-95 се зголемува за 2 денари, а цените на бензинот БС-98 и на дизелот се зголемуваат за 2,50 денари. Нафтените деривати во просек поскапуваат за 1,84%.

И покрај новата повисока цена на горивата, на македонските бензински пумпи и натаму ќе се точи најевтиното гориво во регионот.

По вонредната седница на Владата, премиерот оцени дека државата успешно се справува со најголемата енергетска криза.

Паралелно, Владата одлучи да ги продолжи мерките за намалени акцизи за дериватите и стапката на ДДВ од 10%, за бензините до 1-ви јуни. Ваквата одлука освен стабилни цени, ќе обезбеди зачувување на животниот стандард.

И експертската фела е загрижена за состојбата на Блискиот Исток. Професорот Арбен Халили вели дека мора да сме подготвени на се.

Минатата недела Народна банка ја ревидираше проекцијата за инфлација на 4%, наместо претходно очекуваните 2,5%. И послабиот економски раст е резултат на поскапите енергенси. Овие бројки се темелат на оптимистичко сценарио дека војната ќе заврши брзо и нафтата до крајот на годинава ќе се продава по 80 долари за барел.

Европските берзански индекси забележуваат негативни резултати.

Цената на нафтата од типот Брент се искачи на повеќе од 110 долари за барел, што претставува зголемување од 1,90%.

Борис Грујоски