Богатото културно наследство на Македонија оживува низ музејските поставки
Артефакти стари илјадници години, приказни за трагични човечки судбини и едукативни програми за младите – „Музејот на Македонија“ останува чувар на колективната меморија и мост меѓу минатото и иднината.

Минатото повторно оживува во „Музејот на Македонија“. Во срцето на старата скопска чаршија, меѓу артефакти стари илјадници години, посетителите ја откриваат приказната за македонското културно наследство.
Од 5.000 години старата „Голема мајка“, пронајдена на локалитетот „Тумба Маџари“, до уникатните теракотни икони од Виница – експонатите сведочат за богатата историја на овие простори. Голем дел од нив денес живеат и преку музејската продавница, каде посетителите можат да купат копии и сувенири инспирирани од оригиналните археолошки пронајдоци. Од Музејот велат дека интересот расте, особено кај странските туристи, а месечно го посетуваат од 200 до 300 луѓе.
„Тоа нив ги воодушевува и имаат интерес да купат нешто и да понесат во нивната земја нешто што е старо пет илјади години. Имаме чаша со мотив од македонскиот штит од времето на Филип Втори Македонски. Голем интерес има и за теракотните икони кои се ексклузивни, единствено пронајдени кај нас во Виница“, изјави Благоја Тасевски, раководител на музејски маркетинг.
Но, зад дел од поставките се кријат и тешки човечки судбини. Изложбата посветена на децата бегалци ја отвора темата за страдањата и разделбите за време на војните – приказна која од Музејот ја нарекуваат „скриена историја“.
„Ова е еден вид скриена историја, многу од оваа тематика не ја знаат луѓето во светот, кога ќе слушнат прво се изненадени, прашуваат за децата бегалци од Егејска Македонија, објаснуваме како се разединувале, децата биле многу мали, во тоа време имало многу болести, имало вошки, биле шишани до кожа, сите биле во различни земји разединети. Голема трагична судбина која во светот не ја знаат, ова е слично дури блиску до холокаустот што се случил во Германија, Полска со Евреите“, изјави Владимир Благоевиќ, водич – едукатор во Музејот на Македонија.
Освен чувањето на минатото, музејот има и едукативна улога. Преку работилници и соработка со училиштата се обидуваат културното наследство да им го доближат на младите, но посочуваат дека е потребна и поголема дигитализација.
Музеите се чувари на колективната меморија, сведоци на историјата, мост меѓу минатото и иднината. Културното наследство мора да се зачува, но и да им се доближи на новите генерации.
Андријана Ѓурческа
