Рускиот претседател во дводневна посета на Пекинг
Посетата доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Трамп ја заврши државната посета на Кина.

Рускиот претседател Путин ја почнува дводневната посета на Кина, каде што ќе разговара со кинескиот лидер Шји за билатералните врски и актуелните глобални прашања. Посетата доаѓа неколку дена откако американскиот претседател Трамп ја заврши државната посета на Кина.
„Русија и Кина со доверба гледаат кон иднината и активно ја прошируваат соработката во политиката, економијата, одбраната и хуманитарната размена, истовремено охрабрувајќи поблиски врски меѓу луѓето. Заедно, правиме се што служи за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на развојот на нашите држави. Овие прашања ќе ја формираат агендата на претстојните разговори во Пекинг“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Планирана е и понеформална средба меѓу двајцата лидери, каде што се очекува во разговорите да бидат опфатени конфликтите во Иран и Украина. Иако се очекува Шји да го информира Путин за разговорите, претставници на Кремљ изјавија дека посетата била планирана однапред и не е директен одговор на посетата на Трамп.
