Скопје домаќин на Форумот на стратегијата на Европската унија за Јадранско-јонскиот регион
Форумот претставува настан од висок ранг, на кој е предвидено учество на високи претставници од земјите учеснички во ЕУСАИР, како и претставници на институциите на Европската унија.
Во Скопје денеска официјално почнува 11-тиот Форум на Стратегијата на Европската унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) – „ЕУСАИР во акција: од заложба до влијание“.
Форумот претставува настан од висок ранг, на кој е предвидено учество на високи претставници од земјите учеснички во ЕУСАИР, како и претставници на институциите на Европската унија.
ЕУСАИР е иницијатива на земјите-членки на ЕУ поднесена до Европската комисија и има за цел промовирање на одржлив економски и социјален просперитет во регионот.
ЕУСАИР опфаќа 10 земји – 4 од нив се земји-членки на ЕУ (Хрватска, Грција, Италија и Словенија) и 6 земји кои не се членки на ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Сан Марино, Црна Гора и Србија).
ЕУСАИР исто така цели и кон поддршка на пристапувањето во ЕУ на земјите од Западен Балкан, кон создавање на синергии и поттикнување на координацијата меѓу сите територии во Јадранско-јонскиот регион.
На форумот ќе бидат опфатени различни теми вклучувајќи го унапредувањето на спроведувањето на ревидираниот Акционен план на ЕУСАИР, зајакнување на соработката во однос на проширувањето на ЕУ, промовирање на вклучување на младите, справување со демографските предизвици и поддршка на прекуграничната соработка и регионалната интеграција.
