По Трамп, и Путин на средби во Пекинг со државниот врв
Откако американскиот претседател Трамп мината недела беше во Пекинг, денеска во посета на Кина и рускиот претседател Путин. Во фокусот на разговорите, билатералните врски, енергенсите, глобалните прашања. И додека војната во Украина и на Блискиот Исток продолжува, Западот очекува Кина да изврши притисок врз Иран и врз Русија. Во исто време, шефот на Белата куќа објави дека го одложил најавниот голем напад врз Техеран на барање на земјите во Заливот.

Билатералната и стратешката соработка, економијата, трговијата, актуелните глобални прашања, во фокусот на дводневната посета на рускиот претседател Путин на Кина. Средбата доаѓа неколку дена откако кинескиот лидер беше домаќин на американскиот претседател. Кремљ тврди дека разговорите биле планирани однапред и не се директен одговор на посетата на Трамп.
„Русија и Кина со доверба гледаат кон иднината и активно ја прошируваат соработката во политиката, економијата, одбраната и хуманитарната размена, истовремено охрабрувајќи поблиски врски меѓу луѓето. Заедно, правиме се што служи за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на развојот на нашите држави“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
Кина останува најголемиот трговски партнер на Русија откако Западот воведе санкции за Москва поради војната во Украина. Пекинг тврди дека е неутрален во конфликтот, се претстави како посредник и постојано негираше дека и обезбедува воена поддршка на Москва. Украинскиот претседател Зеленски вели дека значителен број руски региони се во состојба на банкрот, а руските компании го намалуваат производството на нафта.
„Путин, се разбира, изгради воен фонд, но секако недоволен за бесконечна борба. Секој наш одговор, секој заеднички чекор на притисок, заедно со нашите партнери, ја турка Русија поблиску до завршување на војната. Веќе сега, значителен број од нивните региони се во состојба на банкрот, а Путин ја води Русија кон банкрот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Путин и Шји се очекува да разговараат и за конфликтите во Иран, за што САД и ЕУ бараат поголем притисок од Пекинг за Техеран. И додека блокадата на Ормускиот теснец продолжува, а светот се соочува со неизвесност во снабдувањето со енергенси, испораките на руска нафта во Кина се зголемија за повеќе од 35 проценти во првиот квартал од годинава. Во исто време, шефот на Белата куќа објави дека го одложил планираниот воен напад врз Иран, на барање на сојузници од Заливот.
„Ме прашаа Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и некои други дали можеме да го одложиме нападот за два или три дена, краток временски период, бидејќи мислат дека се многу блиску до склучување договор. Тоа е многу позитивен развој на настаните, но ќе видиме дали ќе доведе до нешто. Имавме периоди кога мислевме дека сме блиску до склучување договор и не успеа. Но, сега е малку поинакво“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Од Кремљ велат дека енергетската соработка меѓу Москва и Пекинг е главен двигател на билатералните економски односи, особено во контекст на тензиите на Блискиот Исток. Русија е исто така еден од најголемите извозници на природен гас во Кина. За време на состанокот Путин – Шји ќе се дискутира и за планираниот гасовод „Моќта на Сибир 2“, стратешки проект за мега-гасовод кој треба да ги поврзе наоѓалиштата во Западен Сибир преку Монголија со Кина.
Маријана Димовска
