Култура

Овации за хорот „Драган Шуплевски“ од ФМУ – Скопје на престижниот фестивал „Universitas Cantat“ во Полска

19.05.2026 19:00

Женскиот хор „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност – Скопје, под диригентската палка на маестро проф. м-р Сашо Татарчевски, оствари извонреден успех на престижниот европски универзитетски фестивал „Universitas Cantat“ во Полска. Настапите во Калиш и Познањ беа проследени со огромен интерес, бурни аплаузи и овации од публиката и учесниците од повеќе земји.

Женскиот хор „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност – Скопје, под раководство на маестро проф. м-р Сашо Татарчевски, оствари извонредна презентација на еден од најголемите универзитетски хорски фестивали во Европа – „Universitas Cantat“.

Станува збор за фестивал со долгогодишна традиција, кој претставува форум на најквалитетните универзитетски хорски ансамбли од целиот свет. Хорот од ФМУ – Скопје по третпат доби покана за учество, што претставува значајно меѓународно признание за неговата работа и уметнички дострели.

Концертите на хорот, овојпат во формација на женски хор, поминаа со огромна посетеност и интерес кај публиката. Првиот настап се одржа во полскиот град Калиш, во катедралата „Св. Никола“, каде што присутните со воодушевување ги проследија изведбите на македонските студентки.

По концертот, свештеникот кој раководи со катедралата организирал прием за членовите на хорот, при што тие имале можност да видат голема фреска со претстава на патроните на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – светите браќа Кирил и Методиј.

Вториот концерт бил одржан во концертната сала на Универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, пред бројна публика која не штедела аплаузи по секоја изведена композиција. За оваа пригода, маестро Татарчевски избрал програма составена од дела на македонските бардови на хорското творештво – Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски.

Особено впечатливи биле реакциите на останатите учесници на фестивалот – ансамбли од САД, Германија, Унгарија и Полска, кои продолжиле со аплаузите и овациите и по заминувањето на македонските студентки од сцената.

Покрај самостојните концерти, студентките од ФМУ учествувале и на работилници, како и во заедничката подготовка и изведба на композицијата „On-Off“ од композиторката Зузана Фалковска, специјално создадена за фестивалот.

Од Факултетот посочуваат дека континуираните успешни настапи на хорот „Драган Шуплевски“ претставуваат значајна афирмација за Факултетот за музичка уметност, УКИМ и за државата, а воедно носат и нови покани за учество на реномирани музички настани низ светот.

Настапите се реализирани со поддршка на Министерството за култура, УКИМ и ФМУ – Скопје, а се одржуваат под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 60 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност – Скопје.