СЗО загрижена поради брзото ширење на еболата
Светската здравствена организација изрази длабока загриженост за обемот и брзината на епидемијата од ебола и предупреди дека вистинскиот број на заразени и географското ширење на заразата сè уште не се јасни. Досега се регистрирани над 500 сомнителни и над сто смртни случаи, низ неколку региони во Конго и во Уганда.

„Длабоко сум загрижен за обемот и брзината на епидемијата. Овие бројки ќе се променат како што се зголемуваат теренските операции, вклучително и зајакнување на надзорот, следењето на контактите и лабораториското тестирање“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Американски државјанин кој работел за медицинска организација во Конго и се заразил со ебола, итно е евакуиран во Германија на лекување, потврдија американските власти. Експертите, пак, веруваат дека доцното откривање помогнало во ширење на болеста, но изразија оптимизам дека погодените региони се во можност да ја контролираат епидемијата.
„Епидемијата се шири во Уганда и веројатно ќе продолжи да се шири некое време, но знам дека Уганда и Конго се многу искусни во контролата на епидемијата на ебола и ќе направат добра работа во нејзиното запирање најдобро што можат“, изјави Дејвид Хејман, професор по епидемиологија на Лондонската школа.
На 16-ти мај беше прогласена епидемија за вонредна состојба во јавното здравје од меѓународен интерес, прва што некогаш го вклучува сојот на вирусот, за кој не постои одобрена вакцина или третман.
Катерина Бојаџиева