Здравство

Семејните лекари бараат признавање на специјализациите

19.05.2026 16:31

Низа поплаки за недостиг од лекари од матичната здравствена заштита, ниски плати, оптовареност со многу административни работи. Бараат признавање на нивните специјализации...

Семејните лекари оставени на маргините на здравствениот систем, со проблеми стари повеќе од една деценија. Специјализацијата по семејна медицина не им е соодветно признаена и натаму се третираат како матичните лекари.

Иако можат да прават спирометрија, еко дијагностика и низа други здравствени услуги, за трудот не можат соодветно да наплатат. Ограничени се и во препишувањето на лекови, а немаат ниту ингеренции директно да закажат одредена дијагностичка процедура, со што пациентите непотребно се шетаат низ здравствениот систем.

„Семејниот лекар треба да опфати 70 до 80 проценти од популацијата и да се спуштат ингеренциите и услугите да можеме да закажеме компјутерска томографија. Кога гледате на рентгенграфијата дека има одредена сенка која во позадина може да укажува на карцином зошто тој пациент да оди кај пулмолог. Директно семејниот лекар треба да го препрати на компјутерска томографија да се скрати патот до дијагноза, бидејќи со рана дијагноза ќе имаме подобра превенција кај пациентот“, изјави д-р Драган Ѓорѓиевски – претседател на ЗЛОМ СМ.

Некои ординации, особено во помалите населени места, веќе отпуштаат вработени бидејќи не можат финансиски да опстанат. Лекарите велат – моделот на капитација е застарен создаден пред две децении кога бројот на пациенти бил многу поголем.

И во време на сè поголема дигитализација, улогата на семејниот лекар останува незаменлива. Ниту една апликација, компјутер, алгоритам не може да ја замени довербата и разговорот меѓу лекарот и пациентот.

Андријана Ѓурческа