Здравство

Аларм за менталното здравје кај децата

19.05.2026 17:40

Менталното здравје не смее да биде тема само по трагедиите. Децата бараат помош, неопходно е навреме да се реагира, предупредуваат психолозите, по загрижувачките податоците од анализата од СОС линијата. Потребни се разговори, градење однос на доверба и следење на нивната емоционална состојба, без притисоци и осуда...

„Не ми се живее“, „Ова нема смисла“, се дел од вистинските повици за помош, кои не смее да се игнорираат. Родителите, службите во училиштата, но и институциите мора заеднички да работат за подобрување на менталното здравје на децата, сметаат стручните лица, откако анализата од СОС линијата „Ало бушавко“ покажа алармантни податоци со суицидални мисли. Неопходно е препознавање на промените во однесувањето и емоциите. Психолозите потенцираат и дека металното здравје не смее да биде тема, актуелна по трагедиите. Советуваат да се зборува за справување со стресот, врсничкото насилство и веднаш да се реагира.

„Оваа појава не е нешто што се случува одеднаш и изолирано туку се јавува многу порано и зборува за притисоците, очекувањето, чувството на осаменост, прекината комуникација, намалено чувство на припадност и емоционална безбедност, во системите околу детето дома, на училиште, меѓу врсниците и самото општество. Децата денес раснат во сè поголема изложеност на информации, притисоци за успех, споредби, социјални мрежи а во се помал простор на вистинска емоционална поврзаност“, истакна Александра Милевска, дипломиран психолог и семеен и системски советник.

Експертите укажуваат и дека децата денес често се гледаат низ призмата на оценки, постигнувањата, а се помалку нивната внатрешна состојба. Велат тие сакаат да бидат слушнати без осуда. Ги прашавме. Повеќето велат би побарале помош.

Психолозите освен поголема психолошка поддршка во училиштата, потенцираат дека е неопходна и психоедукација, простор и поддршка на родителите.

СОС-линијата +389 70 390 632 за деца и млади „Ало, бушавко“ останува отворена. Децата можат да побараат совет, споделат свое мислење, добијат поддршка.

Елена Георгиевска