Реакции по Нацрт-одлуката за важните настани
Дел од водечките телекомуникациски оператори во земјава засега воздржани за тоа како треба да изгледа финалната верзија на Нацрт-одлуката на Агенцијата на медиуми за утврдување на листата на настани од големо значење, но велат дека треба да се пренесуваат на Македонската телевизија. Сепак, според нив, треба да се имаат предвид правата и јавните постапки. Од Македонската медиумска асоцијација, во која членуваат петте терестријални телевизии на државно ниво, освен спортските, на листата треба да бидат и настани од културата заради унапредување на градењето унитарна држава…

„Освен спортските, на листата на настани од големо значење за јавноста на Македонија треба да бидат и оние од културата“ – став на Иван Мирчевски, директор на Канал 5 и претседател на Македонската медиумска асоцијација, во која членуваат петте терестријални телевизии на државно ниво, Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат, за Нацрт-одлуката на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги, за која во тек е јавна расправа. Според него, важноста на настаните од големо значење треба да биде во насока на унапредување на интересот на градење на унитарна држава.
Еден од водечките телекомуникациски оператори во земјава, Телеком, е воздржан за тоа како треба да изгледа финалната верзија на Нацрт-одлуката, но дециден е дека настаните од големо значење треба да се пренесуваат на Македонската телевизија со оглед на покриеноста што ја обезбедува, како еден од клучните критериуми за пренос на настани од големо значење. Според операторот, треба да се имаат предвид правата и јавни постапки.
„За нас како оператори кои вршиме реемитување, многу е значајно настаните да се пренесуваат на јавниот сервис – МТВ и секако на македонски јазик и со македонски коментари, за што стоиме на располагање за евентуална техничка и логистичка поддршка. Сепак, треба да се има предвид дека за правата се надлежни имателите и истите ги лиценцираат или сублиценцираат во навремени и јавни постапки“, соопштија од Телеком.
Претходно, во изјавите за Македонската телевизија, првите луѓе на фудбалската, ракометната, одбојкарската и кошаркарската федерација оценија дека настапите на нашите репрезентативци се дел од нашата спортска традиција, култура и идентитет, и затоа е исклучително важно да се емитуваат на Македонската телевизија.
Во Нацрт-одлуката се вели дека натпреварите на нашите клубови и репрезентации во домашни и во меѓународни натпреварувања, со акцент на фудбалот, ракометот, кошарката и одбојката, како и зимските и летните олимписки и параолимписки игри, се дел од настаните од големо значење за јавноста на Македонија.
За значењето се наведува тоа дека настанот треба да има голем одглас кај населението и да содржи елементи на културниот идентитет. Критериумите кои треба да ги исполнуваат радиодифузерите за емитување се следниве: да покриваат 80 насто од територијата на Македонија, пристапот да биде слободен и да не наплаќаат дополнително, програмата да ја емитуваат во некодирана форма и на македонски јазик.
Александра Велинова
