Свет

Русија и Кина ги зајакнуваат врските и соработката

20.05.2026 09:38

Рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг на средба со својот кинески колега Џјинпинг, само неколку дена по посетата на американскиот претседател Трамп. Кина е најголемиот руски купувач на нафта и клучен сојузник на Русија, и покрај западните санкции. Двајцата претседатели разговарале и за војната на Блиски Исток и во Украина.

Со свечена церемонија во Пекинг, рускиот претседател Путин пречекан од кинескиот лидер Џјинпинг по што следуваа разговори во тесен и проширен формат меѓу делегациите. Во фокусот, трговската, економската и енергетската соработка, како и проектот за нов гасовод за испорака на руски гас во Кина, но и клучни меѓународни прашања. Путин оцени дека односите меѓу двете земји се на највисоко ниво и модел на стабилно и сеопфатно партнерство. Нагласи дека Русија останува сигурен снабдувач со енергија и покрај глобалните кризи, додавајќи дека соработката меѓу Москва и Пекинг има стабилизирачка улога во меѓународните односи.

„Пред 25 години, нашите земји го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка – документ кој и денес е основа за развој на односите. Дури и во сложени надворешни услови, економската соработка бележи стабилен и динамичен раст. Русија останува сигурен снабдувач со енергија, а Кина одговорен партнер. Нашата соработка има стабилизирачка улога во меѓународните односи и се развива во индустријата, земјоделството, транспортот и високите технологии“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Шји нагласи дека моменталната меѓународна ситуација е „сложена и нестабилна, со растечка еднострана доминација“. Истакна дека во време на зголемена нестабилност е потребна тесна стратешка соработка меѓу Пекинг и Москва. Тој оцени дека ситуацијата на Блискиот Исток е во „критичен момент“ и дека прекинот на непријателствата е „императив“, предупредувајќи дека повторно разгорување на конфликтот би било „неприфатливо“.

„Во денешниот свет, каде што се забележуваат растечки еднострани пристапи и поделби, неопходно е да се зајакне соработката меѓу големите сили. Како постојани членки на Советот за безбедност на ОН и важни светски сили, Кина и Русија треба да усвојат „долгорочен стратешки поглед“ на соработка за да обезбедат порамноправен меѓународен поредок“, нагласи Шји Џјинпинг, претседател на Кина.

Американскиот претседател Трамп е уверен дека Кина нема да испрати оружје во Иран, нагласувајќи дека Пекинг има значајни енергетски интереси во регионот и дека, според него, тие исто така сакаат стабилен и отворен Блиски Исток.

„Претседателот Шји ми вети дека нема да испраќа оружје во Иран. Му верувам на зборот и го ценам тоа. Знаете, ако размислите, тој добива 40% од својата нафта. Тој сака стабилност и слободен проток“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Пекинг е најголемиот купувач на руска нафта и клучен сојузник и покрај западните санкции против Москва. По разговорите се очекува потпишување на околу 40 договори за проширување на соработката и заедничко учество на церемонијата за отворање на Годината на соработка во образованието. Во рамки на посетата, која се совпаѓа со 25-годишнината од договорот за пријателство, Путин ќе се сретне и со кинескиот премиер Ли Кечијанг. Кремљ наведува дека посетата била однапред планирана и не е поврзана со неодамнешната посета на американскиот претседател Трамп на Пекинг.

Бојана Крстевски