Реконструирано училиштето „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода

20.09.2014 19:02

Освен енергетски ефикасен објект, училиштето има и мултифункционално игралиште...

По 28 години за прв пат реконструирано е училиштето „Кузман Јосифовски Питу“ во скопската населба Кисела Вода. Чини 150 илјади евра пари обезбедени од програмата за развој на Обединетите Нации и од буџетот на општина Кисела Вода. Освен енергетски ефикасен објект, училиштето има и мултифункционално игралиште.

„Условите за престој и работа во училиштето се подобрени. Се заштедуваат средства кои општината може да ги употреби за други цели. Трето, општината ќе придонесе за намалување на емисиите на штетните стакленички гасови“, вели Луиза Витон,  претставник на ОН во Македонија.

Со изградбата на повеќенаменското игралиште се потикнуваат младите генерации да бидат физички активни, вели директорот на агенцијата за млади и спорт.

„Спортот има сила да го менува светот, да ги обединува луѓето и да создава здрава младина, а ние сме тука да го овозможиме тоа. Спортот е вистински амбасадор на државите, ги обединува нациите и ги прави горди, а општината Кисела Вода отсекогаш била расадник на спортски таленти“, изјави Маријан Спасевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Досега со стратегијата за модернизација на спортот изградени се 32 спортски сали, 49 фудбалски игралишта, а во фаза на градба се 145 училишни спортски сали и 120 тениски игралишта.   

 

Андријана Атанасовска