Расте бројот на сомнителни случаи со ебола, Конго бара меѓународна помош
Конго бара меѓународна помош за справување со епидемијата на ебола, додека бројот на сомнителни случаи и жртви расте од ден во ден. Светската здравствена организација предупредува на висок ризик на национално и регионално ниво. Обединетите нации и меѓународните тимови го засилуваат одговорот на терен со дополнителни тимови и опрема.

Демократска Република Конго бара меѓународна помош за борба против епидемијата на ебола. Бројот на сомнителни случаи расте, Уганда воведе карантин за над 100 лица поради можен контакт со заразени. Досега се потврдени над 500 сомнителни и над 130 смртни случаи во регионот.
Од Светската здравствена организација велат дека ризикот од глобално ширење на епидемијата е низок, но висок на национално и регионално ниво.
„Овој вирус нè погодува сите, па затоа од сите нас зависи да се заложиме и да си помогнеме едни на други“, изјави Самуел Роџер Камба, министер за здравство на Демократска Република Конго.
„Сите заедници погодени од овие вируси мора да ја добијат потребната владина поддршка и ние работиме на тоа“, изјави Патрик Мујаја Катембве, министер за комуникации и портпарол на владата на ДР Конго.
СЗО соопшти дека можната вакцина нема да биде достапна најмалку уште два месеца, додека заедно со ООН го засилуваат одговорот на заразата. Испратени се дополнителни медицински тимови и опрема во погодените области.
„Агенцијата распореди експерти на терен заедно со националните служби за справување со заразата и испрати 12 тони залихи, вклучувајќи лична заштитна опрема за здравствените работници на првата линија“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на ООН.
„Над 100 луѓе се идентификувани и ставени во карантин, ги лекуваат многу искусни медицински лица. Тоа е важно. Сè друго е одвлекување на вниманието. Уганда многу ефикасно се справуваше со еболата и претходно“, вели Алан Касуџа, медиумски центар на Уганда.
Американскиот лекар кој се заразил со смртоносниот вирус во Конго е префрлен на лекување во Германија. Неговото пристигнување на аеродромот во Берлин помина под екстремни безбедносни протоколи и силна полициска придружба, со цел да се спречи ширење на опасната зараза и во Европа. И чешкото министерство за здравство објави дека се подготвува да прими американски државјанин за кој постои сомнеж дека е заразен со ебола.
Катерина Бојаџиева
