Објавени јавни повици за аудиција за членови и диригент за Детскиот хор на МРТ „Големи и мали“
Македонска Радио Телевизија објави два јавни повици поврзани со Детскиот хор на МРТ „Големи и мали“ – за прием на нови членови и за ангажман на диригент. Повиците се наменети за талентирани деца од 8 до 14 години, како и за музички професионалци со искуство во работа со детски хорови.

МРТ ги повикува сите деца кои имаат љубов кон музиката, пеењето и сценскиот настап да се пријават на аудиција за нови членови на Детскиот хор на МРТ „Големи и мали“. Кандидатите треба да покажат музикалност, чувство за ритам и интерес за хорско пеење, а предност ќе имаат децата со развиен музички слух, чиста интонација и сценска слобода.
За аудицијата, кандидатите треба да подготват песна по сопствен избор, по што ќе следуваат кратка проверка на музичкиот слух и разговор со кандидатот. Во пријавата потребно е да се наведат лични податоци за детето и контакт од родител или старател, како и евентуално претходно музичко искуство.
Истовремено, МРТ објави и јавен повик за ангажман на диригент на Детскиот хор на МРТ „Големи и мали“. Од кандидатите се бара високо образование од областа на музичката уметност, искуство со детски или младински хорови, како и организациски и комуникациски способности. Предност ќе имаат кандидатите со искуство во подготовка на сценски, концертни или телевизиски настапи.
Пријавите за двата повика треба да се испратат на електронската адреса [email protected], а сите кандидати дополнително ќе бидат известени за терминот и локацијата на аудицијата и разговорите.
Јавните повици може да ги погледнете на следниот ЛИНК.
