Предистражна постапка за случајот со шпионажата во кабинетот на претседателката
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка по наводите за шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Од Министерството за внатрешни работи и од Вила Водно биле побарани документација и компјутери кои ќе се проверуваат.

Лани во декември Обвинителството за организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка за случајот со шпионажата во кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова. И по неколку месеци подоцна МВР нема доставено резултати од анализите на одземената компјутерска и телефонска опрема, ниту пак видеоснимки од безбедносните камери.
„Од страна на МВР до денес не се доставени ни повратни информации, известување, за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видеонадзорот“-стои во соопштението на ОЈО.
Дополнително, до Кабинетот на Претседателката беше упатено барање за доставување копии од видеозаписите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан, за периодот во кој истиот се случил, соопштија од ОЈО ГОКК.
Кабинетот на претседателката го известил обвинителството дека не располага со копии од видеонадзорот. Било посочено дека системот бил набавен преку Службата за општи и заеднички работи, додека со снимките управувало МВР.
Обвинителството се обратило и до СОЗР и до МВР за итно обезбедување на снимките. Од СОЗР одговориле дека тие биле задолжени само за набавка на опремата и не чуваат видеоматеријали, туку тоа е надлежност на МВР.
Од МВР набројаа дел од активностите што ги преземаат во предметот.
„Во тек е анализа на сите електронски докази кои се екстрахирани од одземената опрема. Извршен е службен разговор со лица вработени во кабинетот на претседателот и за истите доставено е известување до ОЈО ГОКК“, велат од министерството.
Премиерот Христијан Мицкоски со остри критики за аферата со шпионажата. Вели дека се работи обвинувајќи дека зад случајот стојат „структури од минатото“ и лица кои ги нарече „шпионски талог на општеството“.
ОЈО ГОКК се сомнева дека доверливи електронски податоци од Кабинетот на претседателката биле неовластено преснимувани и би можеле да завршат кај странски разузнавачки структури.
Марина Стојанова-Тонева
