Интеграции

Од сите земји кандидатки за ЕУ од Југоисточна Европа, Македонија направи најголем компромис - порача спикерот Гаши

20.05.2026 17:15

Името се смени, но Европската унија не само што не ни ја отвори вратата, туку ни ја тресна пред нос и побара нови услови – власта останува на ставот дека за секоја следна отстапка мора прво да се осигураме дали ќе ни се гарантира патот до целта. Опозицијата со став-имаме конкретен документ на маса, да не губиме време, да го исполниме и патот е јасен...

Од сите земји кандидатки за Европската унија од Југоисточна Европа, Македонија направи најголем компромис и во 2018-та година беше сменето уставното име, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши. Додава дека сепак, големите европски земји и Брисел не ја валоризираа оваа вредност, за да ги мотивираат и другите кандидатки да влезат во процес на компромис.

Кога поранешната германска канцеларка Ангела Меркел беше во Скопје, ни порача дека треба да покажеме лидерство и да го смениме уставното име, а потоа, Унијата ќе ни ја отвори вратата. Името се смени, но вратата не само што ни беше затворена, туку и тресната пред нос и тоа од страна на Франција, вели собранискиот потпретседател и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски. Додава, дека за секоја следна отстапка, мора најпрвин да се осигураме дали тоа ќе ни го отвори патот до целта.

Сега имаме конкретен документ на маса, да не губиме време, порака на лидерот на СДСМ и претседател на националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче. Вели, ако сме реални и рационални и вистински сакаме да се интегрираме во Европа, патот е јасен.

Потребно е да се обедините и да постигнете компромис, за да се преземат тешките чекори кои ви претстојат, смета германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Конференцијата беше во рамките на одбележувањето на Денот на Европа.

 

Марија Котовска