Европската комисија става на располагање 65,7 милиони евра за Македонија од Планот за раст
Европската комисија става на располагање 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст, највисок износ во регионот во споредба со одобрените пари за Албанија и за Црна Гора. „Ова е потврда за посветеноста на владата кон реформите и исполнувањето на обврските, како и признание за институционалниот капацитет“, вели министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.

Македонија доби финансиска поддршка од 65,7 милиони евра во рамки на Инструментот за реформи и раст, што е највисок износ споредено со земјите од регионот по позитивната оценка од Европската Комисија за реформите, најмногу пари ќе добијат образованието и дигитализацијата. Од вкупната сума, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, преостанатите средства се наменети за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
„Во Северна Македонија, учениците ќе имаат подобар пристап до модерна ИТ-опрема во училниците. Ова покажува како реформите се преточуваат во видливи придобивки за граѓаните“, изјави Марта Кос-Еврокомесарката за проширување.
Според министерот Муцунски ова е потврда за посветеноста на Владата кон реформите и исполнувањето на обврските од Планот за раст и признание за институционалниот капацитет.
„Ова е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од Планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план. Воедно, тоа претставува признание за сериозниот пристап, институционалниот капацитет и реформскиот напредок на државата“, изјави Тимчо Муцунски.
Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има цел да им овозможи на земјите партнери од регионот да ги почувствуваат придобивките од членството уште пред нивното пристапување во ЕУ. Тој предвидува интеграција на партнерите во Единствениот пазар на ЕУ, унапредување на регионалната економска соработка, продлабочување на реформите поврзани со ЕУ и зголемување на претпристапното финансирање. Со тоа се забрзува процесот на проширување и економскиот раст на земјите партнери.
Планот е поддржан од Инструментот за реформи и раст, неговиот финансиски инструмент со вкупен фонд од 6 милијарди евра. На секои шест месеци, земјите партнери известуваат за напредокот во спроведувањето на реформите поддржани преку овој инструмент. Најновата исплата се однесува на третиот шестмесечен извештаен период, кој ги опфаќа реформите спроведени до крајот на декември 2025 година. Вкупното финансирање исплатено преку овој инструмент од 2024 година досега изнесува 673,6 милиони евра.
Александра Велинова
