КУБА

САД покренаа обвинение против Раул Кастро

21.05.2026 08:19

Кастро се товари за убиство и за заговор за убивање американски граѓани. Обвинети се уште петмина вмешани во соборувањето на авионите и убиството на пилотите.

САД покренаа обвинение против поранешниот претседател на Куба, 94-годишниот Раул Кастро, поради инцидент што се случил во 1996 година, кога кубанската авијација собори два мали американски цивилни авиони. Кастро се товари за убиство и за заговор за убивање американски граѓани. Обвинети се уште петмина вмешани во соборувањето на авионите и убиството на пилотите. Случајот е изграден врз основа на претходна постапка отворена во 2003 година. Американскиот претседател вели дека ЦИА е присутна на Куба и дека државниот секретар Рубио бил вклучен во разговори со раководството на островот.

„Тоа е нација на неуспех. Гледате дека се распаѓа. Тие немаат нафта, немаат пари. Но, ние сме таму за да помогнеме. Ние сме таму за да им помогнеме на семејствата, на луѓето. И повторно, многу од тие луѓе се поврзани со мене во смисла дека имав толку одличен однос со кубанските Американци. Тие ме поддржаа на ниво од 94 проценти“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Администрацијата на Трамп го зголемува притисокот врз комунистичката влада во Хавана. Куба е погодена од прекини на електричната енергија откако САД го блокираа островот со закани со санкции за оние кои го снабдуваат.