Народна банка

Раст на кредитите, пад на депозитите во април

21.05.2026 18:36

Паричната маса и вкупните депозити во април бележат месечен пад, додека кредитирањето продолжува да расте. Според најновите податоци на Народната банка, вкупните кредити на годишно ниво се зголемени за 13,3 проценти.

Паричната маса во април е намалена за 1,3 проценти на месечно ниво, главно поради падот на краткорочните депозити, соопшти Народна банка на Република Северна Македонија. На годишно ниво, пак, е регистриран раст од 9,4 проценти.

Вкупните депозити се намалени за 1,4 проценти во однос на март, пред сè поради падот кај корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата бележат раст.

Во исто време, вкупните кредити во април се зголемени за 1 процент на месечно и за 13,3 проценти на годишно ниво. Раст е забележан и кај кредитите за компаниите и кај кредитите за домаќинствата.

Според податоците на централната банка, потрошувачките и станбените кредити и натаму имаат најголемо учество, при што станбените кредити на годишно ниво се зголемени за 16,2 проценти.