Околу 12.000 млади лица годишно ја напуштаат земјава
Неможноста да се стекнат со сопствен дом е само една од долгата низа причини, зошто младите ја напуштаат земјава. На Младински форум во Скопје се бараа начини, како да се промени сликата и иднината да се гледа дома, а не надвор.

Околу 12.000 млади лица годишно ја напуштаат Македонија. Според истражувањето на „Социетас цивилис“, две третини од младите би ја напуштиле земјата доколку им се укаже можност, а главна причина е квалитетот на живот. Невработеноста меѓу младите е 23%. Овие бројки, повод за одржување на Националниот младински форум, насловен „Тука сме да останеме“.
Министерството за социјална политика, демографија и млади се залага за создавање на систем во кој младите не само што ќе бидат чуени, туку ќе бидат и активни чинители во креирањето на политиките во општеството.
И дел од локалната самоуправа активно се вклучува во процесот, градејќи партнерски однос со младите. Градот Скопје и општината Гостивар се отворени за да ги чујат нивните проблеми, идеи и иницијативи.
Младите се отворени за соработка и вмрежување, но за да се искористи тој потенцијал, потребни се места за заеднички активности и дијалог, како овој форум, велат организаторите.
Марија Котовска
