Надлежните предупредуваат

Внимателно при купувањето недвижности

21.05.2026 16:52

Граѓаните да бидат особено внимателни при купување недвижности, апелираат надлежните, предупредувајќи дека без проверка на документацијата може да останат и без стан и без пари. Комората на друштва за геодетски работи почна кампања за заштита на сопственичките права и поголема правна сигурност на имотите.

Граѓаните да отворат „четири очи“ при купување недвижности, особено станови кои се во градба, за да не се доведат во ситуација да останат и без стан и без пари, апелираат надлежните.

Комората на друштва за геодетски работи почна кампања чијашто цел е да се подигне јавната свест за заштитата на сопственичките права врз недвижен имот. Велат дека често се случува, во реалност станот да има 100 квадрати, а на имотен лист едвај 80.

Со новата иницијатива се очекува да се поттикне поголема правна уреденост на имотите и да се зголеми свесноста кај јавноста од навремена проверка на сопственичките права, како темел на сигурно располагање со недвижен имот.

Главниот фокус е со имотот да се управува одговорно, особено во процесите на купопродажба, отуѓување и располагање со него.

Податоците на Народна банка покажуваат дека цените на становите во Скопје во првиот квартал од 2026 година пораснале за 16,7 проценти.

Борис Грујоски