Политика

Различни ставови за европските пари за реформи

21.05.2026 17:03

„Ви реков дека од последни ќе бидеме први“- премиерот Мицкоски вели дека фактот што Македонија од Брисел доби повеќе пари од Албанија и Црна Гора за исполнувањето на реформската агенда покажува дека земјава сериозно е зафатена со домашната задача. Тој очекува после јунскиот извештај да стигнеме и до 100 милиони. Од СДСМ предупредуваат дека Македонија досега требала да добие двојно повеќе, под услов реформите навреме да биле спроведени.

Македонија обезбеди најмногу средства од Планот за раст за Западен Балкан, истакна премиерот Мицкоски, откако земјава доби 65,7 милиони евра. Над 30 милиони ќе бидат директно вбризгани во буџетот за нови инвестиции и реализација на проекти за образованието и дигитализацијата. Премиерот очекува поддршката да надмине 100 милиони по јунскиот извештај.

Социјалдемократите со различна пресметка, велат оти земјава изгубила 140 милиони евра од планот за раст поради неспроведувањето на реформите. Лидерот на СДСМ, Филипче предупредува оти ова може да се последни пари кои земјава ќе ги добие од ЕУ.

Успехот не е случаен, туку е резултат на координирана работа на институциите и решителноста реформите да не останат само на хартија, кажа вицепремиерот Беким Сали. Тој појасни дека финансиската инекција од ЕУ е добиена откако земјава реализирала 21 реформа, од кои 16 биле оценети позитивно, а три биле спроведени предвреме.

Сали најави оти пред Владата останува уште многу работа и дека рокот за испорака на уште 10 реформи е крајот на јуни. Од „Илинденска“ уверуваат оти до грејс периодот ќе се исполнат сите барања од Брисел.

Викторија Милевска