Собрание

СДСМ ќе поднесе кривична и интерпелација за Гаши

21.05.2026 17:25

Собраниското мнозинство најде начин да го деблокира заемот од 260 милиони евра. Заменик-претседателот на комисијата Стојаноски ја продолжи седницата. СДСМ гневни – обвинија дека спикерот Гаши ја заобиколил Лукаревска, со што го прекршил Деловникот. Најавија дека ќе му поднесат кривична пријава и интерпелација.

Предлог-законот за заем од 260 милиони евра плус камати помина во Комисијата за финансирање и буџет. Опозицијата не беше во салата. Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски рече дека станува збор за задолжување од меѓународни кредитори, предвидено со буџетот. Заемот ќе биде повлечен во една транша со рок на отплата од 7 години и најповолни каматни стапки на пазарот. Парите се наменети за буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање на обврските.

Заемот беше деблокиран откако спикерот Гаши ја свика седницата на комисијата, која ја водеше нејзиниот заменик-претседател Бојан Стојаноски. СДСМ обвини дека е прекршен Деловникот, бидејќи претседателката Лукаревска била тука. Социјалдемократите најавија кривична пријава против Гаши и постапка за интерпелација.

Во СДСМ се свесни дека немаат аргументи со кои би ги поткрепиле нивните тврдења, одговори Стојаноски.

Пленарната седница на која е ќе се гласа законот по скратена постапка е најавена за в петок.

 

Марина Стојанова-Тонева