Здравство

Болниците соочени со тужби од вработени

21.05.2026 17:34

Непочитувањето на работничките права може да им пресуди на македонските болници. Фондот за здравствено осигурување претстави алармантни податоци. Над 1.800 вработени поднесле тужби против јавните здравствени установи. Побаруваат повеќе од 2 милиони евра.

Повеќе од 1.800 здравствени работници ги тужат државните болници и јавните установи во кои работат. Бараат исплата на над два милиона евра по основ на неисплатени додатоци на плата – прекувремена и ноќна работа, работа во смени, во недела и за време на државни празници.

Директорот на Фондот за здравство вели дека во дел од установите има масовно тужење од вработените. Според Клековски – зад најголем дел од тужбите стојат адвокати, вештаци и еден независен синдикат.

„Ги повикуваме директорите да ги применуваат правата од законите и од колективните договори таму каде што се оправдани, да пристапат кон спогодби за да ги избегнат адвокатските и судските трошоци. Истовремено ги повикуваме здравствените работници особено каде што има ниска ефикасност во установите да се откажат од судските спорови“, изјави Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.

Финансискиот товар врз здравствената каса може да биде и значително поголем. Здравствениот дом во Кратово најавил околу 65 нови тужби, со побарувања од над 3,5 милиони денари. Од Фондот велат дека со Министерството за здравство и со репрезентативните синдикати работат на измени во колективните договори во делот на додатоците на плата.

Во средините каде што се исплаќале најмногу додатоци се водат и најголем дел од судските постапки. Куманово е лидер по бројот на тужби, додека пак Битола по висината на побарувањата.

Андријана Ѓурческа