Нов дипломатски обид за договор меѓу Вашингтон и Техеран
САД повторуваат дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и предупредуваат на можни „драстични мерки“ додека ја засилуваат воената готовност во регионот. Иранските медиуми велат дека се води размена на пораки за можна рамка на договор, но Техеран тврди дека нуклеарната програма не е главна тема.

Пакистан посредува во нов дипломатски обид за договор меѓу Вашингтон и Техеран. Иако има сигнали за приближување на ставовите, збогатувањето ураниум и контролата врз Ормускиот теснец остануваат главни пречки. САД повторуваат дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и предупредуваат на можни „драстични мерки“ додека ја засилуваат воената готовност во регионот.
„Ќе се погрижиме тие да немаат нуклеарно оружје, или ќе мора да направиме нешто многу драстично. Ќе го добиеме и високо збогатениот ураниум – Веројатно ќе го уништиме кога ќе го земеме, но нема да им дозволиме да го задржат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Иранските медиуми велат дека се води размена на пораки за можна рамка на договор, но Техеран тврди дека нуклеарната програма не е главна тема, заканувајќи се со сериозни последици во случај на напад. Во меѓувреме, врховниот лидер Моџтаба Хамнеи забрани извлекување на ураниум од Иран.
„Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли медиумските извештаи дека нуклеарните прашања се дел од преговорите со САД, велејќи дека разговорите биле фокусирани на завршување на војната на сите фронтови, вклучително и на Либан“-објави државната иранска новинска агенција.
Во истовреме, Иран ги засилува претензиите за контрола на Ормускиот теснец и разговара со Оман за воспоставување постојан систем за наплата на преминот, што Вашингтон го оцени како неприфатлив.
„Никој во светот не е за систем на наплата на патарини. Тоа не може да се случи. Тоа би било неприфатливо. Тоа би го направило дипломатскиот договор неизводлив ако тие продолжат да се стремат кон тоа“, рече Марко Рубио, државен секретар на САД.
Реакции и од ОАЕ, велат дека обидите за контрола на теснецот се нереални, а довербата меѓу Иран и арапските држави е сериозно нарушена.
„Со децении се навикнавме на иранското малтретирање … по јасен воен пораз, режимот се обидува да наметне нова реалност, но обидите за контрола на Ормускиот теснец се само фрагменти од соништата“, објави Анвар Гаргаш, Советникот на претседателот на ОАЕ.
Тековниот конфликт во Иран ги намали прогнозите на Европската унија за економски раст и ги зголеми очекувањата за инфлација и јавен долг, поради растот на цените на енергијата.
„Иако економијата на ЕУ останува отпорна, неизвесноста поврзана со геополитичките тензии и цените на енергијата значително ја комплицираат прогнозата. Гледаме забавување на растот и зголемен притисок врз јавните финансии, но очекуваме дека ЕУ ќе продолжи да расте, иако со поскромно темпо од претходно предвиденото“, изјави Валдис Домбровскис, комесар на ЕУ за економија.
Во истовреме, пазарите реагираат со претпазливост на развојот на ситуацијата, додека цените на нафтата остануваат нестабилни поради стравувањата од нова ескалација на Блискиот исток.
Бојана Крстевски
