БЛИСКИ ИСТОК

Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран повторно растат

22.05.2026 18:33

Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран повторно растат, додека дипломатските напори за договор сè уште се без конкретен напредок. Во фокусот остануваат иранската нуклеарна програма и контролата врз Ормускиот теснец. САД предупредуваат на можни драстични мерки, Иран возвраќа со остри пораки, а нестабилноста веќе се чувствува и врз светската економија и цените на нафтата.

Пакистан посредува во нов дипломатски обид за договор меѓу Вашингтон и Техеран. Иако има сигнали за приближување на ставовите, збогатувањето ураниум и контролата врз Ормускиот теснец остануваат главни пречки. САД повторуваат дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и предупредуваат на можни „драстични мерки“ додека ја засилуваат воената готовност во регионот.

„Ќе се погрижиме тие да немаат нуклеарно оружје, или ќе мора да направиме нешто многу драстично. Ќе го добиеме и високо збогатениот ураниум – Веројатно ќе го уништиме, но нема да им дозволиме да го задржат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Од Техеран потврдија дека се води размена на пораки за можна рамка на договор, но нуклеарната програма не е главна тема. Предупредија на сериозни последици во случај на напад. Во меѓувреме, врховниот лидер Моџтаба Хамнеи забрани извлекување на ураниум од Иран.

„Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли медиумските извештаи дека нуклеарните прашања се дел од преговорите со САД, велејќи дека разговорите биле фокусирани на завршување на војната на сите фронтови, вклучително и на Либан“, објавија на Државна иранска новинска агенција.

Во истовреме, Иран ги засилува претензиите за контрола на Ормускиот теснец што за Вашингтон е неприфатливо и би го направило дипломатскиот договор неизводлив.

„Иран се обидува да создаде систем за наплата на патарини. Се обидуваат да го убедат Оман да им се придружи. Нема некој што ќе го прифати тоа. Не познавам земја во светот што е за тоа, освен Иран“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Реакции и од ОАЕ, велат-обидите за контрола на теснецот се нереални.

„По јасен воен пораз, режимот се обидува да наметне нова реалност, но обидите за контрола на Ормускиот теснец се само фрагменти од соништата“, објави Анвар Гаргаш, советникот на претседателот на ОАЕ.

Тековниот конфликт во Иран ги намали прогнозите на ЕУ за економски раст и ги зголеми очекувањата за инфлација и јавен долг, поради растот на цените на енергијата.

„Иако економијата на ЕУ останува отпорна, геополитичките тензии и цените на енергијата значително ја комплицираат прогнозата“, изјави Валдис Домбровскис, комесар на ЕУ за економија.

Светските пазари и натаму претпазливи, а цените на нафтата остануваат нестабилни поради стравувањата од нова ескалација на Блискиот Исток.

 

Бојана Крстевски