Македонската сцена загуби исклучителен уметник

Македонската опера и балет се простува од баритонот Ристе Велков

22.05.2026 12:55

Со зборови на длабока тага и почит, Македонската опера и балет се прости од својот првенец, баритонот Ристе Велков, кој трагично го загуби животот во сообраќајната несреќа на скопската обиколница.

„Со неизмерна тага и неверување ја примивме веста за трагичната смрт на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков“, објави Македонската опера и балет, простувајќи се од еден од најзначајните македонски оперски уметници.

Од НОБ наведуваат дека македонската оперска сцена изгубила исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставиле длабока трага во македонската музичка култура.

Ристе Велков, роден во 1975 година во Скопје, важеше за еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Како првенец на Македонската опера и балет, најмногу настапувал во белканто-продукции, поради што го добил и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“.

Средното музичко образование го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето професионално усовршување го градел со реномирани педагози од Македонија, Хрватска, Италија, Романија и Бугарија.

На сцената дебитирал уште како студент, а во текот на кариерата настапувал во бројни оперски продукции во земјава и странство, меѓу кои и во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија. Бил дел од речиси сите значајни домашни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“ и „Интерфест“ – Битола.

Во својата богата кариера реализирал повеќе од 15 главни баритонски улоги, меѓу кои во „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, „Травијата“, „Аида“, „Кармен“, „Боеми“ и „Палјачи“.

„Неговата посветеност кон уметноста, впечатливите улоги и љубовта кон сцената ќе останат трајно запаметени. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваа и почитуваа. Слава му“, се наведува во објавата на Македонската опера и балет.