Економија

Откупни центри се служеле со нефер трговски практики

22.05.2026 17:30

Неправилности во откупот на земјоделски производи и прекршувања на Законот за нефер трговски практики утврдила Комисијата за заштита на конкуренцијата по контролите во откупни центри за овошје и зеленчук. Земјоделците велат – трговците и натаму ја диктираат цената, а разликата меѓу откупната и малопродажната цена останува голема. Следуваат ли казни и дали контролите ќе донесат пофер услови за производителите?

Комисијата за заштита на конкуренција констатирала повеќе неправилности со кои се крши Законот за нефер трговски практики во делот на регулирањето на договорните односи помеѓу откупувачите и добавувачите на земјоделски и прехранбени производи. По извршениот увид во неколку откупни центри за овошје и зеленчук, најавени казни.

„При извршените контроли, Комисијата констатираше повеќе неправилности и постапувања спротивни на одредбите од Законот, особено во делот на регулирање на договорните односи помеѓу откупувачите и добавувачите на земјоделски и прехранбени производи“, соопштија од Комисијата.

Оливер Тренчовски 20-ина години произведува јагоди. Вели, пласманот го обезбедува самиот со долгогодишни партнери-трговци.

Кога е во прашање цената, вели секогаш може повеќе, бидејќи има голема разлика во откупната и малопродажната цена.

Тодор пак е оризопроизводител кој вели дека и покрај сите трошоци што ги имаат производителите трговците сè уште ја диктираат цената.

Од Комисијата апелираат до сите учесници во синџирот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи доследно да ги почитуваат законските одредби, за да се заштитат земјоделците и останатите добавувачи од нефер трговски практики.

 

Александра Велинова