Здравство

Доцни дисперзијата на онколошките третмани

23.05.2026 12:51

Осумдесет насто од онколошките пациенти од источниот регион се лекуваат на Клиниката за онкологија во Скопје. И покрај најавите за дисперзија на онколошките третмани, Одделот за онкологија во штипската Клиничка болница се соочува со просторни и кадровски проблеми.

Стотици онколошки пациенти од внатрешноста секое утро се упатуваат во Скопје за дијагностика, лекување и контроли. Со години најавуваната дисперзија на онколошките третмани во болниците надвор од Скопје сè уште не е реализирана.

Десет години во КБ Штип Одделот за онкологија работи во несоодветни услови и со кадар од еден специјалист и една медицинска сестра. Бројот на пациенти со рак постојано расте.

Се работи на проект за нови просторни услови, а кадровскиот проблем се ублажува со лекари од Скопје, информираат од Министерството за здравство.

„Во рамки на дневна болница во КБ Штип месечно се аплицира онколошка терапија кај околу 120 пациенти со карцином на простата, дел од пациентите со карцином на дојка и колон. Годишно се реализираат над три илјади прегледи. Одделот располага со еден онколог и сестра, а во моментот уште еден доктор е на специјализација. Исто така, доктори од Клиниката за онкологија по претходно подготвен распоред држат амбуланта во штипската болница и заедно со докторите прегледуваат пациенти. Во тек е и проект за нови просторни капацитети. Во моментот се работи на основен градежен проект за адаптација на нов простор, кој покрај дел со ординација ќе има и дел за подготовка и прием на терапија на ниво на дневна болница. По добивање на завршен и ревидиран проект ќе следи постапка за избор на изведувач и надзор над градежните работи во оваа здравствена установа“, велат од Министерството.

Кога ќе се реализира дисперзијата на онколошките услуги во Штип не е познато, но она што е јасно е дека за онколошките пациенти приближувањето и достапноста на лекувањето е прашање на живот.

Славица Величковска