Блиски исток

САД размислуваат за нови напади врз Иран

23.05.2026 16:43

Блискиот исток и натаму во фокусот на светското внимание. Од Белата куќа велат дека сериозно размислуваат за нови напади врз Иран, доколку не се постигне напредок во преговорите.

САД сериозно размислуваат за нови напади врз Иран ако не се постигне напредок во преговорите. Трамп на состанок со тимот за национална безбедност ги разгледува натамошните чекори, додека медијатори од Пакистан и Катар пристигнаа во Техеран за да посредуваат во мировниот договор. Клучни точки во разговорите се прекинот на огнот и безбедноста на поморските патишта во Ормускиот теснец.

„Ако ги прочитате лажните вести, ќе помислите дека им оди добро. Не им оди баш како што треба. Тие толку очајно сакаат да се смират. Тие никогаш нема да имаат ново нуклеарно оружје и тоа наскоро ќе заврши“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп претходно изјави дека САД ќе ги преземат резервите на ирански ураниум и нема да дозволат воведување такси за навигација низ теснецот. Од друга страна, Иран ги засилува своите претензии за контрола на поморскиот пат и порачува дека непријателите „треба сериозно да ги сфатат заканите од Техеран“, нагласувајќи дека Трамп „нема друг избор освен да ги прифати барањата на Иран“.

„Доколку непријателот направи грешка и повторно погреши, ќе добие одговор поболен и поразорен од порано. Цврст, решителен и конечен одговор“, рече Хасан Хасанзаде, командант на Иранска револуционерна гарда.

„Трамп нема друг избор освен да ги прифати барањата на иранскиот народ и да ги признае правата на нашата земја. Доколку непријателот не се покори на законските барања на иранскиот народ, тоа ќе им наметне уште повеќе трошоци и понатамошни последователни порази“, објави Реза Талаеи-Ник, портпарол на министерството за одбрана на Иран.

Објавувањето на конечниот нацрт на договорот меѓу САД и Иран би значело итен прекин на огнот, запирање на воените операции и постепено укинување на санкциите врз Техеран. Во меѓувреме, ЕУ подготвува нов пакет санкции поради состојбата околу Ормускиот Теснец, додека енергетската криза и слободната пловидба ќе бидат клучни теми на разговорите на американскиот државен секретар Рубио со индискиот премиер Моди, во услови кога Индија е силно зависна од увоз на енергенси преку овој стратешки морски премин.

Бојана Крстевски