Македонија

Притвор за камионџијата кој усмрти четворица

23.05.2026 17:02

Трагедијата што ја потресе јавноста влегува во истражна постапка. Триесет дена притвор за 76-годишниот косовски државјанин осомничен за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, по несреќата на скопската обиколница во која животот го загубија четири лица.

Триесет дена ефективен притвор определи скопска единица за косовецот кој со камион усмрти четворица на скопска обиколница. Одлуката доаѓа на барање на обвинителството, кое процени дека осомничениот може да избега или да го повтори делото ако биде пуштен да се брани од слобода.

Засега е познато дека за 76 годишниот косовски државјанин е отворена истрага за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, бидејќи од засега познатите сознанија тој не се придржувал до сообраќајните прописи и со тоа ја предизвикал несреќата.

Несреќата се случи на 21 мај во 23 часот.

„Кога дошол во близина на клучката Мирковци брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди. Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел во лево, па удрил и ја пробил металната одбојна ограда и продолжил со движење, преминувајќи на коловозот од автопатот наменет за движење на возилата од спротивната насока, каде во него со предната страна удрил автомобил „БМВ“ кој се движел во насока од исток кон запад“, соопштуваат од обвинителството.

По сударот избувнал пожар во кој целосно изгореле и автомобилот и кабината на камионот.

На скопската обиколница загинаа оперскиот пејач Ристо Велков, неговиот 20 годишен син Адам и уште две момчиња на возраст од 20 години.

Анита Димитријевска – Велковска