Голем студентски протест во Белград под слоганот „Ти и Јас и Славија“
Белград денеска во знакот на студентскиот протест. Масовен собир под слоганот „Студентите победуваат“ – со порака дека битката сега се сели и на политички терен.

Студентите во блокада денес организираат собир во Белград на кој има повеќе илјади академици, активисти, граѓани од сите делови на Србија и покрај суспензијата на железничкиот сообраќај во земјата.
На митингот во Славија кој започнува во 18:00 часот и трае до 20:00 часот, му претходеа собири на четири локации во Белград, од каде што колоните граѓани се упатија кон Славија, каде минатата година, на 15 март, се одржа протест кој се смета за најголем досега одржан во Србија.
Како што велат студентите, по повеќе од една година борба и стотици акции низ целата земја, време е за нов голем митинг во главниот град. Собирот означува нови напори насочени кон големи политички промени.
На протестот, граѓаните ќе можат да аплицираат за контролори, а ќе биде презентирана дел од програмата на кој работеа студентите.
„Уште пред една година баравме распишување на парламентарни избори, оттогаш работевме не конструкција на студентската листа и на нашата програма за овие избори, а програмата и листата ќе бидат познати кога ќе се распишат изборите. Не соработуваме со опозицијата, со нив единствено можеме да соработуваме околу контролори и условите за избори“, вели Чеда Алексиќ, студент на ПМФ Нови Сад, еден од организаторите.
„Овој протест не е наменет да донесе некои измени, туку да покаже дека сме тука, дека не сме се тргнале и дека сме подготвени да излеземе на избори“, вели студентот Васил Ристовски од Нови Сад.
„Овде сме собрани за поддршка, собираме донации, собираме потписи и волонтери за обука на контролори и одовде сите се упатуваме кон Славија“, додаде Душан Николиќ, студент и активист од Нови Сад.
Досега немаше конкретен одговор од властите на претходно наведеното студентско барање за распишување избори.
Претседателот Вучиќ порача дека е отворен за дијалог со студентите и најави можност за избори летово, па потоа од крајот на септември па се до половина на ноември. Студентите сè уште настапуваат самостојно бидејќи ја отфрлаат соработката со српската опозиција.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
