Со законски измени ќе се стимулира изградба на дата центри во Македонија
Според Николоски, во завршна фаза се измените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со кои државата ќе создаде услови за развој на современи дата центри, во согласност со глобалните трендови поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Владата подготвува законски измени со кои ќе се овозможи и стимулира изградба на дата центри во Македонија, со цел привлекување нови инвестиции, отворање работни места и раст на економијата, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, во завршна фаза се измените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со кои државата ќе создаде услови за развој на современи дата центри, во согласност со глобалните трендови поврзани со развојот на вештачката интелигенција.
Тој истакна дека дата центрите стануваат неопходна инфраструктура за развојот на вештачката интелигенција и оти Македонија треба да води „паметна политика“ за привлекување инвеститори во оваа област.
Николоски најави дека процесот ќе се води централизирано во рамки на Владата, со однапред подготвени локации и проекти за потенцијалните инвеститори.
Според него, ваквите инвестиции би значеле стотици милиони евра вложувања, нови вработувања и дополнителен раст на бруто-домашниот производ.
