Здравство

Потреба од центар за палијативна нега во Струмица

24.05.2026 13:07

Во Струмица, сè поизразена е потребата од отворање на центар за палијативна нега заради големиот број на пациенти со тешки заболувања. Во моментов тие се прифаќаат на интерно кое после 60 години е реновирано со помош на општествено одговорни компании.

Има потреба од отворање на центар за палијативна нега во Струмица, кој ќе работи на регионално ниво. Вака смета началникот на интерното одделение при струмичката болница, Славчо Ѓорѓиев, со оглед на сè поголемиот број пациенти со тешки заболувања во Југоистокот, претежно од канцер. Со отворањето на ваков центар, ќе се има можност со интердисциплинарен пристап на овие пациенти.

Интерното одделение при струмичката болница со спцијалистичките услуги покрива околу 200 илјади осигуреници од регионот. Тоа деновиве се реновираше, благодарение на општествено одговорни компании со што значително се подобрени условите за болнички престој на пациентите, но и за работа на здравствените работници.

Струмичката болница сè уште чека на целосно ставање во функција на новиот болнички крак, каде ќе се дислоцираат дел од болничките одделенија од оваа здравствена установа.

Ване Трајков