Сиљановска-Давкова: Делото на Кирил и Методиј е темел на словенската писменост и духовност
По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните, истакнувајќи дека нивното дело и денес има обединувачка моќ и претставува темел на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и македонскиот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, порача дека нивното благородно дело останува живо и почитувано наследство кое ги поврзува словенските народи и претставува основа на нивниот духовен и културен идентитет.
Во честитката, таа нагласува дека солунските браќа, творци на глаголицата и просветители на словенските народи, овозможиле словенскиот човек да ја изразува сопствената мисла, вера и културна самосвест на јазик што го чувствува како свој.
Сиљановска-Давкова истакнува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и „колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето“.
Таа потсетува дека во време кога писменоста била привилегија, Кирил и Методиј ја започнале својата просветителска мисија како апостоли на знаењето, писменоста и духовната еманципација.
Во честитката се наведува и дека 24 Мај е потсетник за значењето на културата, образованието и науката во градењето доверба, заедништво и вредносен систем во општеството.
