Украина

Киев под жесток удар, има жртви и повредени

24.05.2026 15:22

Жестоки руски напади врз украинската престолнина. Има загинати и повредени во нападите во Киев каде што биле истрелани над 90 ракети и повеќе од 600 беспилотни летала. Уништени се станбени и деловни објекти, студентски домови, пазари. Во масовниот руски напад била употребена и суперсонична ракета „Орешник“.

Русија изврши, серија одмазднички напади со дронови и ракети – најмасовни од почетокот на војната. Киев под жесток удар – погодени се станбени згради, студентски домови, пазари, училишта и трговски центри. Пријавени се жртви и десетици повредени.

„Слушнав експлозија. Бев во ходникот и се стрчав по кучето во собата, потоа имаше уште една експлозија и ударниот бран не фрли, за среќа преживеавме, но мојот дом е разнесен“, изјави Јевхен Зосин, жител на Киев повреден во напад.

„Беше ужасна ноќ, никогаш не се случило нешто слично во целата војна. Ова е трагедија. Многу ми е жал што сега морам да се збогувам со градот. Веќе не останувам тука, сè исчезна, сè изгоре. Оваа проклета војна одзеде толку многу животи“, рече Свитлана Онофричук, жителка на Киев.

Украина ја опиша акцијата како терористички напад врз цивили. Зеленски соопшти дека биле лансирани над 90 ракети и околу 600 дронови, при што бил употребен и хиперсоничната ракета „Орешник“. Повика на засилување на противвоздушната одбрана и на продолжување на поддршката од САД, Европа и меѓународните партнери.

„Киев беше главната цел на овој напад. Беше употребен и ’Орешник‘ против Бела Црква. Важно е ова да не остане без последици за Русија. Потребно е да продолжиме со зајакнување на воздушната одбрана, особено против балистички ракети. Светот мора јасно да види со кого има работа и да не дозволи Украина да остане сама“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Министерството за одбрана на Русија потврди дека нападот е одговор на украинските удари во Луганск и дека руската армија започнала ракетен напад врз украинско воено-индустриски комплекси со употреба на „Орешник“, „Искандер“, „Кинжал“ и дронови.

„Целите беа поразени, сите доделени објекти беа неутрализирани“-соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Меѓународната заедница со осуда за нападите и повици за прекин на руската агресија.

„Канада остро го осудува лансирањето на големи ракетни и беспилотни напади од страна на Русија врз цивилни цели во Киев вечерва. Ја повикуваме Русија веднаш да ги прекине овие напади и да ја прекине оваа нелегална војна на агресија“, објави Марк Карни, премиер на Канада.

„Русија ќе биде повикана на одговорност. Во меѓувреме, мора да ја интензивираме поддршката за Украина за да се запре војната и Русија“, објави Едгарс Ринкевичс, претседател на Латвија.

Нападот следува откако Путин нареди одмазда по украинскиот напад со дронови врз студентски дом во окупираниот Старобилск, во кој загинаа 21 лице, а 42 се повредени. Во Луганск се прогласени денови на жалост, додека Киев ги отфрла тие тврдења и вели дека целите биле исклучиво воени објекти.

Бојана Крстевски