Партиите во клинч за уставните измени и евроинтеграцијата
Партиите и денеска во клинч за носењето на уставните измени и евроинтегративниот пат на земјава. СДСМ ја повика власта на државничка одговорност. ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Филипче ги брани позициите на Бугарија.

Ја повикуваме власта на државничка одговорност. Да ги донесеме уставните измени со внесување на малцинствата во Уставот и успешно да чекориме на патот кон полноправно членство во ЕУ, велат од СДСМ. Според нив за тоа треба да постои храброст кај власта, а тие заеднички како опозиција ќе застанеле зад овие позиции.
Велат, покажавме државнички политики со усвојувањето на Преспанскиот договор со кој се гарантира македонскиот национален идентитет и станавме полноправна членка на НАТО. Изговорите на власта за барање гаранции од ЕУ и нападите на власта за сервилен однос на раководството на СДСМ кон Бугарија, водат само кон продлабочување на поделбите во општеството, потенцираат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ во својот допис велат Филипче, специјалниот пратеник на Радев е во бунило и конфузија, но како што велат во владејачката партија, супер упорен да одработи предавство во полза на Бугарија. Во однос на понудата на Филипче велат – тој ги брани позициите на Радев во Македонија. Според нив, сè што бара Радев од Македонија, бара и Филипче. Како доказ за ова според нив е конекцијата која ја имал Рубин Земон со националистички организации од Бугарија.
Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за односот кон Бугарија, која инсистира да се спроведе европската рамка од 2022-ра година која предвидува внесување на бугарското малцинство во Уставот.
Власта инсистира на гаранции од ЕУ или, пак, измените во Уставот да се направат пред да станеме членка на ЕУ.
Игор Панов
