Еуростат

Опаѓа бројот на баратели на азил

24.05.2026 15:58

Продолжува притисок на европскиот систем за азил. Иако, бројот на нови апликации бележи пад, и натаму има над милион нерешени барања за азил. Се намалува бројот на баратели на азил и во Македонија, која најчесто се користи како транзитна рута.

Европскиот систем за азил е под притисок на близу 1,2 милиони барања за азил кои чекаат одлука, иако според најновите податоци на Евростат до февруари годинава се бележи пад од 27 проценти на „фрст тајм“ апликациите.

За земјава нема официјален Еуростат податок за тој период, но согласно податоците на МЗМП во 2025 година, вкупниот број баратели на азил бил 160, 101 мажи и 59 жени, од нив 12 непридружувани деца.

„На крајот на 2025 во Северна Македонија имало околу 466 лица поврзани со азил односно меѓународна заштита. Доколку се земат податоците од 2024 кога во Македонија биле поднесени 334 барања за азил, и од 2023 кога имало 604, се бележи пад од околу 45%. И тој тренд продолжува.“

Најголем дел од барателите на азил и мигрантите што поминале низ Македонија во 2025 биле од: Сирија, Авганистан, Пакистан, Мароко, Бангладеш, Непал, Египет, Турција, и некои субсахарски африкански држави. За разлика од 2015 – 2016: сега има многу помал број Сиријци, а повеќе економски мигранти од Азија и Северна Африка. Исто така: многу мал дел формално поднесуваат барање за азил во Македонија, повеќето ја користат државата како транзит кон Србија и ЕУ.

Во земјите од ЕУ во февруари се регистрирани 46.420 први барања за меѓународна заштита од граѓани кои не се членки на ЕУ, што е за 21 процент помалку отколку во февруари минатата година и девет проценти помалку отколку во јануари 2026 година и нерешените случаи во споредба со февруари 2025 година, е за четири проценти помал.

Германија предничи со нерешени барања близу 300 илјади, веднаш зад неа се Шпанија (251.140) и Италија (237.485). Најголемата група меѓу барателите на азил за прв пат во февруари беа Венецуелците (6.835), што претставуваше речиси 15 проценти од сите барања за азил за прв пат во ЕУ тој месец. По нив следуваа граѓаните на Авганистан (4.325), Бангладеш (3.450) и Египет (1.815).

Додека во земјава паѓа бројот на баратели на азил, македонски државјани и понатаму поднесуваат барања за азил во ЕУ, најмногу во Германија каде во првите 5 месеци од 2025 имало 631 барање.

Фиљана Кока