Политика

Мицкоски: Трпението е при крај

24.05.2026 16:39

Премиерот Христијан Мицкоски упати остри пораки до дел од обвинителството и, како што рече, „преоблечените измамници“ кои профитираат на грбот на граѓаните. Повика на побрза реакција на институциите и национално обединување за клучните државни прашања.

„Трпението е при крај. Нема да отстапам од тоа да им дишиме во врат на оние кои се богатат и печалат на маката на народот“-порача премиерот Христијан Мицкоски. Го предупреди дел обвинителството да не наоѓаат изговори за неефикасното работење. На оние пак како што ги нарече пресоблечени измамници кои мислат дека се непобедливи им порача-правдата ќе ги стигне.

„Ним и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Нема да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислам дека треба побрзо да се реагира и кога фиоките во институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо. Јас не влегов во политика за смислување изговори, туку за ставање ред, постигнување на правда и владеење на законите“, нагласи Мицкоски.

Премиерот повика на национално обединување за соочување со политичките предизвици и неправди со кои се соочува Македонија. Државата мора да влезе во Европската Унија, но мора да останеме сочувани и достоинствени – порача претседателот на Владата. Според него постои „меко ткиво“ кај кое не постои чувство на припадност кон својот народ. „Направив се за да подадам рака кон опозицијата. Тие секоја шанса ја испуштија“-вели Мицкоски.

„Јас повикувам на национално обединување на државата. Тоа што некои се лидери на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на својот народ. Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст. Стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинското обединување е народното. Затоа да се обединиме сите интелектуални кругови и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија“, рече Мицкоски.

Мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување мора да се постигне на здрава основа. Ако се држиме цврсто и обединето, не е важно со кого и со што ќе се соочиме-порача Мицкоски.

Марина Стојанова-Тонева