На САД не им се брза за договор со Иран
Секретарот Рубио истакна дека има поддршка од земјите во регионот, но предупреди дека нуклеарниот договор не може да се постигне брзо и импровизирано. Претседателот на Исламската Република изјави дека преговарачите нема да го компромитираат достоинството на земјата...

Шефот на Белата куќа вели дека им наложил на преговарачите да не брзаат со договор со Иран, откако извештаите сугерираа дека договорот е блиску. Изјавата доаѓа само еден ден откако Трамп соопшти дека рамковниот договор меѓу Вашингтон и Техеран е во голема мера усогласен, вклучително и прашањето за повторното отворање на Ормускиот Теснец. Во исто време секретарот Рубио истакна дека има поддршка од земјите во регионот, но предупреди дека нуклеарниот договор не може да се постигне брзо и импровизирано.
„Имаме прилично солиден предлог на маса, во услови на континуирани напори за постигнување договор со Иран. Имаме голема поддршка во Заливот и на глобално ниво. Како што рече претседателот, тој не брза. Па, да видиме што ќе се случи. Ќе и дадеме шанса на дипломатијата да успее пред да ги истражиме алтернативите“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Претседателот на Исламската Република изјави дека преговарачите нема да го компромитираат достоинството на земјата.
„Подготвени сме, да го увериме светот дека не бараме нуклеарно оружје. Не бараме нестабилност во регионот. Изворот на нестабилност е Израел, кој се стреми кон она што го опишува како визија за „Голем Израел“ и користи разни средства за да заговара и да ги одржи војната, немирите и поделбите живи во регионот“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
