инфраструктура

По целосната реконструкција на индустриската зона во Куманово, ќе следи продажбата на нови парцели

25.05.2026 17:32

По целосната реконструкција на индустриската зона во Куманово, ќе следи продажбата на нови парцели. Зоната која се наоѓа на автопатот Е-75, кон српската граница, се уредува со средства на Владата од унгарскиот кредит. Во истата веќе влезе германската компанија Лидл…

Тече втората фаза од инфраструктурно уредување на индустриската зона Речица и Новини во Куманово. Досега се завршни 70 отсто од работите. Општината засега нема да брза со продажба на останатото земјиште. Првиот човек на Куманово очекува целосното уредување да ја зголеми вредноста на парцелите, па градот да прибере и поголеми средства од продажбата.

„Се чека исплата на средствата од унгарскиот кредит, кои треба да бидат опфатени со ребалансот на државниот буџет. Паралелно имаме и неколку инвестиции, меѓу кои и инвестицијата на Лидл. Тие својот дел од обврските веќе го завршија и сега се шират во делот на подготовка на локациите за изградба на маркети во Куманово и пошироко“, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Маркетите на компанијата би требало да станат целосно оперативни идната година. Со средствата на Владата од унгарскиот кредит, се очекува целосно опремување на инфраструктурата. Претходно беше поставена атмосферска и фекална канализација, водоводна мрежа, јавно осветлување, како и асфалтирани улици со тротоари.

Во зоната веќе функционираат неколку домашни и странски компании. Истата е наменета за лесна и незагадувачка индустрија, трговски капацитети, сместување, сервиси и стоваришта.

Индустриската зона се наоѓа во непосредна близина на автопатот E-75 кон Табановце, на само пет километри од српската граница.

Елена Георгиевска