БЛИСКИ ИСТОК

САД и Иран блиску до мировен договор

25.05.2026 14:19

САД и Иран ги приближиле позициите за постигнување договор, но од Вашингтон велат дека не им се брза. Точките за кои се преговара се однесуваат ограничувањето на иранската нуклеарна програма, можноста за делумно олеснување на санкциите за Исламската република и прекинот на огнот во Либан.Хезболах, ја повика либанската влада да се откаже од директните преговори со Израел, кои се закажани за почетокот на јуни во Вашингтон...

Пад на цените на енергенсите на светските берзи откако Трамп објави дека преговорите Вашингтон – Техеран продолжуваат во добра насока. Двете страни ги приближиле позициите, но реалноста е дека блокадата на Ормускиот теснец и натаму е во сила. Точките за кои се преговара се однесуваат ограничувањето на иранската нуклеарна програма и можноста за делумно олеснување на санкциите за Исламската Република. Секретарот Рубио вели дека имаат поддршка од земјите во регионот, но предупреди дека нуклеарниот договор не може да се постигне брзо и импровизирано.

„Имаме прилично солиден предлог на маса, во услови на континуирани напори за постигнување договор со Иран. Имаме голема поддршка во Заливот и на глобално ниво. Како што рече претседателот, тој не брза. Па, да видиме што ќе се случи. Ќе и дадеме шанса на дипломатијата да успее пред да ги истражиме алтернативите“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Според иранските медиуми сè уште постојат нерешени несогласувања околу прекинот на огнот во Либан. Тел Авив наводно врши притисок врз Вашингтон да вклучи дел во договорот според кој Израел може да продолжи да спроведува воени операции во Либан, под изговор дека одговара на заканите.

„Подготвени сме, да го увериме светот дека не бараме нуклеарно оружје. Не бараме нестабилност во регионот. Изворот на нестабилност е Израел, кој се стреми кон она што го опишува како визија за „Голем Израел“ и користи разни средства за да заговара и да ги одржи војната, немирите и поделбите живи во регионот“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Хезболах, ја повика либанската влада да се откаже од директните преговори со Израел, кои се закажани за почетокот на јуни во Вашингтон.

„Уништувањето на отпорот и народот на отпорот и постепената окупација на целиот Либан е дел од проектот „Голем Израел“. Што се однесува до Америка, таа не е ниту посредник ниту непристрасна, туку, Америка го контролира Израел според сопствените интереси и постојано не притиска да направиме отстапки бесплатно“, изјави Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.

Во време на конфликти и отворени прашања на Блискиот Исток и тензии во Заливските земји, 1,6 милиони аџии се собраа во Мека на еден од најголемите годишни религиозни собири во светот.

 

Маријана Димовска