правосудство

Трпението при крај, потребни се реформи во правосудството

25.05.2026 12:56

Граѓаните со право се загрижени за функционирањето на правосудниот систем, но, има независни тела кои треба да се позанимаваат со начинот на правораздавањето во земјава. Ова е ставот на дел од правниците по пораката од премиерот Мицкоски до Обвинителството дека трпението е при крај. Советуваат дека третиот столб на власта мора да се осамостои за да имаме вистински реформи.

Се согласува со премиерот Мицкоски дека состојбите не се добри, но контролата треба да ја прават независни тела кои за жал не се независни, а работите не се менуваат, ниту се подобруваат, вели за МТВ адвокатот Александар Новакоски. Според него, оправдана е загриженоста за функционирањето на правосудниот систем. Тој посочува дека токму несоодветниот избор на судско – обвинителскиот кадар е најголемиот проблем. Тој би морало да може да го прифати предизвикот за решавање сериозни предмети, обвиненија што бараат знаење, искуство и многу повеќе совест. Се работи за обвиненија обременети со многу докази, со истраги во соработка со полиција, и секој со тоа не може да се носи, вели Новакоски.

Сè додека политичката моќ е таа што му дише во врат на правосудниот систем и сè додека третата власт не се осамостои ќе биде вака е убедувањето на адвокатот Давидовиќ. Порачува политичките партии да почнат од себе и најважно да бидат подалеку од изборот на кадарот.

Премиерот Мицкоски се закани дека без оглед на тоа какви изговори слуша, трпението е при крај и дека ќе му дише во врат на обвинителството сè додека правдата не стигне.

 

Фиљана Кока