Финансии

Државата ги зајакнува контролите врз финансиските друштва за брзи кредити, 11 од нив за две години останале без лиценци

25.05.2026 17:01

Државата ги зајакнува контролите врз финансиските друштва за брзи кредити. Откако надлежните му ставија клуч на врата на „Креди Јес“ кое затвора 40 филијали во земјава поради непочитување на законот, најавени се и измени за поголема регулација на условите за работа во оваа дејност...

Едно остана без лиценца поради непочитување на законот, другите небанкарските финансиски друштва кои даваат брзи кредити ставени под лупа. Државата ги продолжува засилените контроли, првиот човек на Групацијата при Стопанската комора, Никола Јошевски вели – не е изолиран случај, но не е ни системски проблем.

Следен предизвик што го најавуваат надлежните е контрола на поврзаноста помеѓу брзите кредити и секторот за игри на среќа. Се разгледуваат решенија со кои би се ограничила близината. Надлежните уверуваат дека целта не е ограничување на легалниот пазар, туку воспоставување поголема дисциплина и доверба во финансискиот систем.

Во новиот законски предлог за игри на среќа и забавни игри се предвидува коцкарниците да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, да се воведе забрана за рекламирање, како и засилена борба против нелегалното онлајн коцкање. Според владините информации, досега се затворени повеќе од 350 нелегални странски платформи.

Домаќинствата во Македонија спаѓаат во нискозадолжени со 27 насто споредено со европскиот просек од 70 насто. Долгот кон банките е пет милијарди евра, кон финансиските друштва изнесува 180 милиони евра.

За една година одземени се 11 дозволи за работа. Од почетокот на година изречени се 22 казни и 23 финансиски наредби.

Александра Велинова