Блиски Исток

Рубио: Имаме солиден предлог на маса

25.05.2026 19:44

Продолжување на примирјето за 60 дена, отворање на Ормускиот теснец, натамошни преговори за иранската нуклеарна програма. Вашингтон и Техеран го трасираа патот за постигнување договор и намалување на тензиите на Блискиот Исток...

Пад на цените на енергенсите на светските берзи откако Трамп објави дека преговорите Вашингтон – Техеран продолжуваат во добра насока. Двете страни ги приближиле позициите, но блокадата на Ормускиот теснец и натаму е во сила. Секретарот Рубио вели дека имаат поддршка од земјите во регионот, но предупреди дека нуклеарниот договор не може да се постигне брзо и импровизирано.

„Имаме прилично солиден предлог на маса, во услови на континуирани напори за постигнување договор со Иран. Имаме голема поддршка во Заливот и на глобално ниво. Како што рече претседателот, тој не брза. Па, да видиме што ќе се случи. Ќе и дадеме шанса на дипломатијата да успее пред да ги истражиме алтернативите“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Нема временска рамка за финализирање на договорот, велат во иранското МНР. Потенцираат дека меморандумот за разбирање од 14 точки е фокусиран на завршување на војната, а доколку тоа се случи, во период од 60 дена ќе се дискутираат прашања поврзани со нуклеарното оружје.

„Колку побрзо можеме да постигнеме заклучок што би ги обезбедил националните права и интереси на Иран, толку подобро, и нема да ги штедиме напорите за да го постигнеме тоа. За нас, критериум е заштитата на нашите национални интереси“, изјави Есмаил Багнеи, портпарол на МНР на Иран.

Според иранските медиуми, постојат несогласувања околу прекинот на огнот во Либан. Тел Авив наводно врши притисок врз Вашингтон да вклучи дел во договорот според кој Израел може да продолжи со воени операции во Либан, под изговор дека одговара на заканите. Хезболах, ја повика либанската влада да се откаже од директните преговори со Израел, закажани во јуни во Вашингтон.

„Уништувањето на отпорот и народот на отпорот и постепената окупација на целиот Либан е дел од проектот „Голем Израел“. Што се однесува до Америка, таа не е ниту посредник ниту непристрасна, туку, Америка го контролира Израел според сопствените интереси и постојано не притиска да направиме отстапки бесплатно“, изјави Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.

Во време на конфликти и отворени прашања на Блискиот Исток и тензии во Заливските земји, 1,6 милиони аџии се собраа во Мека на еден од најголемите годишни религиозни собири во светот.

 

Маријана Димовска