Власта и опозицијата со жестоки меѓусебни обвинувања за интеграциите
Ред повици за обединување, ред напади кон политичките противници. Власта и опозицијата со жестоки меѓусебни обвинувања за интеграциите. Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче е единствениот кој бара внесување на Бугарите во Уставот без гаранции дека тоа ќе биде последен чекор за влез во ЕУ. Од СДСМ порачуваат – без уставни измени не може да се продолжи европскиот пат. Комуниколозите објаснуваат – постојано се бара вина во другиот за да се оправда зошто дијалогот не успева.

Иако премиерот Мицкоски повика на национално обединување за евроинтегративниот процес, разликите меѓу власта и опозицијата за начинот како да се продолжи европскиот пат остануваат. Продолжуваат и меѓусебните обвинувања со несмалено темпо и сè пожестока реторика. ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за соработка со Виктор Стојанов, за кој велат дека има антимакедонски ставови и во земјава е прогласен за „персона нон грата“.
Од „Бихаќка“ му одбројуваат на Мицкоски до 1-ви јуни, кога е крајниот рок за исполнување на Реформската агенда и како што велат, на клучните обврски за продолжување на европскиот пат. СДСМ категорични – без внесување на Бугарите во највисокиот државен акт нема напредок.
„Клучно за продолжување на европскиот пат се уставните измени и внесувањето на малцинствата во Уставот, обврска без која нема помрднување од мртва точка. Без тоа, нема отворање на следната фаза од преговорите, нема членство во ЕУ, нема ништо. Нема нови европски фондови, нема повеќе инвестиции“, се вели во соопштението од СДСМ.
Префрлувањето на топката е начин на кој политичарите и партиите се обидуваат да ја избегнат одговорноста за актуелната состојба – објаснува комуникологот Бојан Кордалов. Според него, единствен начин за напредок во евроинтегративниот процес е фокус на реформите кои ќе го подобрат животот на граѓаните.
„Земајќи ја в предвид реториката која ја имаат најголемите партии изминатиов период изгледа како да бараат начин како другиот да биде обвинет, наспрема самите тие, за тоа зошто дијалогот и заедништвото не успеало. Едноставно алтернатива на европскиот пат нема. Кога се нема стандарди, нема правила, кога се нема одговорност како да се работи во секоја сфера, сметката ја плаќа секој човек“, изјави комуникологот Бојан Кордалов.
Во меѓувреме се редат предлози како да се реформира процесот на проширување. Последниот нон-пејпер стигна од Берлин. Канцеларот Мерц предложи постепена интеграција и статус на набљудувач за земјите од Западен Балкан, со привилегиран пристап до европскиот пазар.
Марина Стојанова Тонева
