Блиски Исток

Нови тензии во Персискиот Залив и покрај примирјето

26.05.2026 10:19

САД изврши напад во јужен Иран, таргетирајќи локации за лансирање ракети и бродови кои, според Вашингтон, се обидувале да постават мини. Официјален Техеран засега без реакција, осуда од државните ирански медиуми…

САД извршија нови напади во јужен Иран врз ракетни локации и бродови кои се обидуваат да постават мини во Ормускиот теснец. Централната команда тврди дека акциите биле преземени во самоодбрана. Нападите следуваат откако Вашингтон и Техеран објавија дека ги приближиле позициите. По нападите, американскиот државен секретар Рубио изјави дека договор меѓу двете страни е сè уште можен и теснецот мора да биде отворен на еден или друг начин.

„Нашата позиција е добро наведена, претседателот имаше многу важен, историски разговор пред само неколку дена со голем број лидери од регионот. Мислам дека постои силна усогласеност и договор за тоа како треба да изгледа прелиминарниот нацрт. Мислам дека ќе бидат потребни неколку дена за да се решат несогласувањата дури и за еден збор, реченица. Ако има договор, ќе мора да го надминеме тоа. Или ќе биде добар или нема да има договор“, изјави Марко Рубио, Државен секретар на САД.

Врвни преговарачи од Техеран отпатуваа во Катар на разговори за точките во потенцијалниот договор за прекин на војната. Меморандумот за разбирање што се дискутира наводно вклучува 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, повторно отворање на Ормускиот теснец и план за понатамошни преговори за нуклеарната програма на Исламската Република. Според иранските медиуми, Камен на сопнување е Либан и продолжените воени дејствија на Израел. Иранците не се оптимисти дека преговорите ќе донесат решение.

„Не може да има договор бидејќи барањата на двете страни се многу оддалечени, а доколку постигнат договор, тоа би значело дека целата оваа војна би била бескорисна, а улогата на Америка би била доведена во прашање“, вели еден Израелец.

„Ние ги загубивме нашите старешини, лидери. Тие нема да се договорат толку лесно. Можеби еден процент од Америка ќе чека 60 дена поради претстојното Светско првенство, но 100 проценти ќе нападнат потоа“, додава друг.

„Не сакам војна затоа што им штети на луѓето, нивните домови се уништени, луѓето гинат, ги губат своите најблиски. Од друга страна, не сакам никој да не присилува. Ова е наша земја и го сакам Иран. Сакам да бидеме во стабилна ситуација и се да биде мирно“, рече трет.

Во исто време, Израел објави дека ги интензивира акциите против Хезболах во Либан откако од почетокот на примирјето постигнато со посредство на Вашингтон беа убиени 11 израелски војници. Милитантната група се противи Либан да учествува на директните преговори со Израел во САД закажани за почетокот на јуни.

Маријана Димовска