Њујорк Никс по 27 години повторно во НБА финале
Со овој триумф, Њујорк првпат по 1999 година ќе игра во големото НБА финале. Тогаш Никси беа поразени од Сан Антонио со 4:1 во серијата. Последната шампионска титула франшизата ја освои во 1973 година.

Њујорк Никс обезбедија пласман во финалето на НБА плејофот, откако ноќеска славеа убедливо на гостувањето кај Кливленд со 130:93 и со максимални 4:0 ја затворија полуфиналната серија.
И покрај одличната партија на Донован Мичел, кој уфрли 31 поен за Кавалирс, домашниот тим немаше решение за расположениот состав на Никс. Во победничкиот тим се истакнаа Карл-Ентони Таунс со 19 поени и 14 скока, О Џи Ануноби постигна 17, а Лендри Шамет додаде 16 поени.
Со овој триумф, Њујорк првпат по 1999 година ќе игра во големото НБА финале. Тогаш Никси беа поразени од Сан Антонио со 4:1 во серијата. Последната шампионска титула франшизата ја освои во 1973 година.
Никс во финалето ќе го чекаат победникот од серијата меѓу Оклахома Сити и Сан Антонио, каде резултатот моментно е израмнет 2:2.
Воедно, Њујорк влезе и во историјата на НБА како четврти тим со 11 последователни победи во плејофот. Тимот претходно ги елиминираше Атланта со 4:2, а потоа и Филаделфија и Кливленд со по 4:0. Последен тим со ваков подвиг беше Голден Стејт во шампионската сезона 2016/17, кога Вориорс нанижаа 15 победи по ред.
