Армијата во Штип ќе презентира воена опрема, возила и способности на единиците
Граѓаните на Штип на 28 мај ќе имаат можност одблиску да се запознаат со вооружувањето, возилата и способностите на Армијата на Република Северна Македонија, во рамки на презентацијата што ќе се одржи на градскиот стадион по повод вежбата „Блесок 26“.

Армијата на Република Северна Македонија на 28 мај (четврток), од 10 до 14 часот, на градскиот стадион во Штип ќе организира презентација на воена опрема, возила и способности на армиските единици.
Настанот се реализира по повод успешно спроведената вежба „Блесок 26“, во чии рамки беше извршено оценување на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група.
Посетителите ќе можат да разгледаат дел од вооружувањето, опремата и возилата на Армијата, како и да се запознаат со активностите што секојдневно ги извршуваат припадниците на Армијата во рамки на својата мисија.
Во рамки на програмата ќе бидат изведени и повеќе показни вежби, меѓу кои алпинистичка вежба на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, вежба со службени кучиња на Командата за обука и доктрини, демонстрација на боречки вештини од Баталјонот за специјални сили, како и егзерцир на Баталјонот за почести.
Военомедицинскиот центар ќе презентира наставни медицински помагала и демонстрација за укажување прва помош, а свое претставување ќе има и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од Скопје.
Настанот ќе биде збогатен и со настап на Воениот оркестар на Армијата со изведба на музички дела со македонска тематика.
