Топлотен бран ја зафати Европа, температурите и натаму остануваат необично високи
Европа под удар на екстремен топлотен бран. Седум лица починаа во Франција, каде за првпат во мај е прогласен портокалов аларм за горештини. Рекордни температури се бележат и во Велика Британија, Шпанија и регионот, а метеоролозите најавуваат дека жешкото време продолжува и во наредните денови...

Седум смртни случаи во Франција како последица на топлотниот бран кој ја зафати Европа. Температурите и натаму екстремно високи. Осум департмани во западниот дел на земјата прогласија портокалов аларм што е без преседан за мај.
„Мислам дека веќе сме доста свесни за глобалното затоплување, многу сме чувствителни на него и нè загрижува. Особено во мај, да имаме толку интензивна топлина. Страшно е за во иднина бидејќи сè уште не сме ни во лето“, изјави Манон Хубер, жител на Париз.
„Вчера една жена се онесвести поради жештината. Па сите застанавме да ѝ помогнеме. Вистина е дека секогаш мислиме на нашите најблиски што е многу важно, но мислам дека не треба да ги заборавиме луѓето што се околу нас, нашите соседи, дури и постарите лица кои понекогаш се надвор на улица и шетаат, без да се грижат за сонцето“, изјави Соња Бенуда, туристка од Белгија.
И Обединетото Кралство руши рекорди. Во Лондон регистриран најтоплиот мајски ден во историјата, откако на аеродромот Хитроу беше измерена температура од 33,5 степени. Живата во термометрите се искачува далеку над нормалните вредности и во Шпанија, а метеоролозите најавуваат дека топлото време ќе продолжи уште неколку дена.
„Земјоделци кои се обидуваат да одгледуваат култури, навистина ќе се мачат. Тие немале доволно вода и ова навистина може да биде проблем кога се размислува за жетвата подоцна во текот на летото, може да има навистина големи проблеми со неуспешните жетви“, изјави д-р Хана Клок, професор по хидрологија, универзитет во Рединг.
Температурите ќе продолжат да се движат до 30-от степен низ медитеранскиот регион, Италија, централна Европа и Балканот и ќе останат високи до крајот на месецот.
Катерина Бојаџиева
